Објавена „Тахсин беј ја објаснува Македонија“ од Тахсин Узер

Од:

Книгата „Тахсин беј ја објаснува Македонија“ од Тахсин Узер, во превод од турски јазик на Зоран Спасовски, деновиве ја објави Друштвото за издавачка дејност „Македоника“ од Скопје.

Тахсин Узер бил висок османлиски управник од крајот на 19 и почетокот на 20 век, а најголем дел од својата служба ја минал во Македонија. Бил цивилен управник во Разлог, Гевгелија, Драма, Ениџе Вардар, Лерин, Солун и во многу други места.

– Мемоарите нудат интересен опис на значајни настани во Македонија, пред се, во текот и по Илинденското востание, а во некои непосредно учествувал и дава детален опис на пошироката внатрешна и надворешнополитичка ситуација, во чии рамки се одвивале комитските, востаничките активности и Балканските војни, во политиката на султанот Абдулхамид, мешањето на големите сили, младотурските востанички активности, превирањата во Турција, активностите на грчките и четите на врховистичката и централистичката ВМРО… Со изнесените податоци, сознанија и анализи овој мемоарски труд претставува значаен придонес и за македонската историографија, посочува издавачот.

Тахсин Узер роден е на 29 април 1877 година во Солун. На млади години, додека учи во Училиштето за цивилни службеници во Солун, е врбуван во револуционерната организација Единство и напредок, позната и како Младотурци.

Набрзо потоа, на 20-годишна возраст, е уапсен од власта на султанот Абдулхамид и за разлика од другите револуционери фатени во тоа време (повеќето од кои биле прогонувани во Фезан), испратен е како мудур на нахијата Просечани во околината на Драма. Се покажува како талентиран управник и од тој ден натаму, постојано напредувајќи во службата, постојано е испраќан на сè поопасни и пореволуционерни места и околии низ целата Османлиска империја, сè до крајот на Првата светска војна, кога конечно се воспоставил мир. Во цивилната служба останал до крајот на својот живот.

Во Македонија бил испратен во екот на најактивните револуционерни и комитски години, вклучувајќи ги и годините на Илинденското востание и бил цивилен управник во многу места, од кои повеќето центри на комитската активност. Се покажал како ревносен службеник на османлиската држава. По губењето на Македонија по Балканските војни, кратко време бил мутасариф на округот Бејоглу во Истанбул и потоа бил испратен на други места низ империјата во кои имало проблеми (Ерзурум, Ерзинџан, Сирија…).

По Првата светска војна, поради судир со Ататурк, бил прогонет на островот Малта, каде останал две години во затвор. Мемоарите ги напишал за време на својот престој во Малта, а првпат се објавени во 1979 година. Придружени се со куси редакторски забелешки на неговиот син Џелалетин Узер.

Би можело да ве интересира

Промоција на монографијата „Чашуле: Приказнувачот“ на Ана Стојаноска на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Ана Ололовска

Работилница за книжевен превод „Без фусноти“

Ана Ололовска

Промоција на книга на Оливера Доцевска во Белград

Ана Ололовска

Промоција на романот „Полиглот“ од Игор Станојоски

Ана Ололовска

Избор од поетското творештво на Иван Антоновски објавен во Србија

Ана Ололовска

Промоција на книга од Дијана Петрова во Градската библиотека

Ана Ололовска