Петгодишно момче, штитеник на Центарот за социјални работи во Нови Сад, за десет дена два пати е примено во Ургентниот центар во Белград, со тешки повреди на телото, скршеница на раката и изгореници на рацете и нозете, за кои постои сомнеж дека се нанесени во тек на насилство.
Според неофицијалните информации на српски„Блиц“, детето прв пат во Ургентниот центар е примено на 25-ти август, а потоа на 5-ти септември.
Момчето од Прифатилиштето на Центарот за социјални работи во Нови Сад исчезнало на 27 јули. Непознат маж го довел на 5-ти септември до Центарот за заштита на деца во Белград, каде било констатирано дека е видно повредено.
-Го прегледавме и веднаш го одведовме во Институтот за мајка и дете. По прегледот е упатен во Ургентниот центар, а од таму во Универзитетската детска болница, каде што е згрижен. Што се случувало во меѓувреме, како настрадал, а имаше сериозни повреди не знаеме, вели раководителот на Центарот во Белград , Мила Вуковиќ.
Во текот на прегледите е констатирано дека се работи за повреди добиени од насилство, а изгорениците на рацете и нозете се предизвикани од топење на пластика.
„Блиц“ пишува дека и покрај тоа што во текот на вчерашниот ден им било најавено дека ќе добијат одговор од Центарот за социјални работи во Нови Сад, на крај сепак им било речено дека е одлучено да не даваат изјави поврзани за случајот со петгодишното момче.
Никој не сака да одговори на прашањато што се случувало со момчето, кој му ги нанел повредите и зошто надлежните веднаш не реагирале , пишува „Блиц“.
Елена Георгиевска