Македонската делегација на Генералното собрание на Обединетите нации која ја предводи премиерот Никола Груевски, денеска во Њујорк започна со повеќе билатерални и мултилатерални средби.
Шефот на Владата Груевски синоќа присуствуваше на приемот на шефовите на делегациите учесници на 68-то Генерално Собрание на Светската организација, што го организираше американскиот претседател Барак Обама.
Предвидено е тој да се обрати на Генералното собрание на ОН в петок.
Министерот за надворешни работи Никола Попоски, пак, кој е дел од македонската делегација, досега оствари средби со генералниот секретар на ОБСЕ Ламберто Заниер, министерот за надворешни работи на Нов Зеланд Мареј Меккали, а се обрати и на министерскиот состанок на Организацијата на Франкофонијата и на високата средба посветена на Милениумските развојни цели.
Во рамки на работниот дел од посетата на САД, премиерот Груевски и владинате делегација ќе присуствува и ќе се обрати на бизнис форуми во градовите Принстон, Чикаго и Бостон каде што пред претставници на американски компании ќе бидат презентирани можностите за инвестиции во Македонија и поволностите кои земјата ги нуди за странските инвеститори. Во состав на делегацијата се заменик претседателот на Владата и министер за финансии Зоран Ставрески, министрите за привлекување странски инвестиции Веле Самак и Џери Наумоф, директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот Висар Фида, директорот на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони Виктор Мизо, и владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.
Делегацијата ќе има и повеќе поединечни средби со претставници и менаџерски тимови на американски компании кои се потенцијални инвеститори во Македонија, како и со останати субјекти од САД кои учествуваат во сферата на економијата.
Во рамки на посетата на САД, премиерот Груевски во придружба на министерот за здравство Никола Тодоров, ќе посети и повеќе медицински центри, болници и здравствени капацитети во Принстон, Чикаго и Бостон, и ќе има средби со нивните менаџерски тимови, во насока на разгледување на можностите за остварување соработка помеѓу македонските и американските здравствени установи или конкретизација на соработката како резултат на претходно остварени контакти.