Јапонскиот писател Харуки Мураками, исто како и лани, и оваа година е фаворит на обложувалниците за освојување на Нобеловата награда за литература, јави дописникот на МИА од Гетеборг.
И „Ладбрукис“ и „Унибет“ сметаат дека јапонскиот писател годинава ќе ја добие престижната награда.
Мураками е писателот кој несомнено е најпопуларен во глобални рамки меѓу најпознатите обложувалници.
Веднаш зад Мураками на листата на „Ладбрукис“ се наоѓа американската писателка Џојс Керол Оутс, која исто така со години наназад во медиумските шпекулации се споменува како кандидатите во најтесниот избор за Нобеловци, додека на трето место е Унгарецот Петер Надаш, пишува шведскиот весник „Гетеборг-постен“.
Шведската академија ќе го соопшти името на годинашниот добитник на Нобеловата награда за литература во октомври. Наградата, чиј паричен износ е осум милиони шведски круни (речиси 930.000 евра), на добитникот ќе му ја врачи шведскиот крал Карл Густав Шеснаесетти на свечена церемонија на Нобеловиот ден – 10 декември во Концертниот дом во Стокхолм.