Денеска сме тука заедно со прилепчани на еден исклучително убав хепенинг кој ретко се гледа во цела држава и навистина сакам да честитам на општината и на сите кои го организираат. Се наоѓаме на Могилата на непобедените, многу симболично место, место кое актуелната власт на заминување на СДСМ и ДУИ би сакала да го заборави, да го избрише затоа што го потпишаа срамниот француски предлог со кој ја бришат македонската историја и македонската култура и засебност. Но, ова не може да се избрише и жртвите кои паднале за слобода во Втората светска војна секако не можат да се избришат, изјави Александар Николоски, носител на изборна единица 4.
„Во следниот период очекуваме уште поголема мобилизација и уште поголема победа на вториот круг на претседателски избори и на парламентарните избори на 8 мај.
Очекуваме најмногу гласови за ВМРО-ДПМНЕ во изборната единица 4 и најмногу пратеници кои ќе овозможат стабилна влада, влада во која нема да бидат дел ни еден од двата партнери во актуелната влада, ни СДСМ ни ДУИ со цел да можеме да ги реализираме проектите кои ги ветуваме, а за Прилеп се бројни.
Во делот на инфраструктурата ветуваме завршување во трите фази на експресниот пат Прилеп-Градско до крај на 2026 година, понатаму до крај на мандатот изградба на обиколница околу Прилеп, изградба на автопатско решение Прилеп-Битола граница со Грција. Планираме заживување на железничката пруга помеѓу Прилеп и Битола да се спојат практично двата града преку една брза линија, а понатаму да има редовна линија и помеѓу Прилеп, Битола и Солун со целосна реконструкција на железничката линија. Секако тука е и поддршката за решавање на инфраструктурните проекти во рамки на општината преку средствата кои ќе ги добива општина Прилеп секоја година и кои ќе бидат околу 8 милиони евра годишно.
Тука се проектите за пензионерите, зголемување на пензијата за околу 5 илјади денари уште во првата година. Проектите за најмладите каде ќе има директен поврат на средства за родено прво дете некаде околу 30 до 40 илјади денари, за родено второ дете и до 100 илјади денари и за родено трето дете поврат на персонален данок додека детето не наполни 18 години што значи уште една плата да влегува во семејствата. Тука е и проектот купи или изгради куќа каде до половина од трошоците ќе ги покрива државата. И бројни други проекти за што ни е потребна стабилна влада, влада која ќе го штити македонскиот национален интерес, ќе ја враќа македонската национална гордост, ќе воведува функционална правна држава и ќе се бори силно со организираниот криминал и корупција“ – рече Николоски.