Русија внимателно ги следи сите маневри на НАТО, бидејќи реториката на Алијансата и обуката на војниците се дел од нејзината хибридна војна против Русија, изјави денеска портпаролката на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова.
Таа оцени дека „лавовскиот дел од воените игри на алијансата се дизајнирани токму како сценарија за конфронтација со Русија“ и потсети дека командантот на копнените сили на НАТО, американскиот генерал Дерил Вилијамс, забележал дека Москва внимателно ги следи воените маневри на Северен Атлантик, пренесува ТАСС.
„Руската страна навистина внимателно ги следи сите маневри на северноатлантскиот блок и донесува заклучоци, пред сè, дека реториката и обуката на војниците на НАТО се елементи на хибридна војна што ја започна колективниот Запад против нашата земја“, рече Захарова.