Израелскиот министер за стратешки прашања и разузнавање Јувал Стајниц изјави дека Израел е загрижен од „камањата со насмевка“ на новиот ирански претседател Хасан Рохани.
Според израелскиот министер, и покрај некои пријателски гестови, Ирак не покажува никакви знаци за забавување со програмата збогатување на ураниумот, што е клучен елемент за производство на нуклеарно оружје.
– На една страна, Иран се обидува да го смири светот со својата умерена реторика, но на друга, продолжува со изградбата на нуклеарното оружје, па ако ништо не се направи, Рохани ќе продолжи да се насмевнува, да смирува и одново да се насмевнува се додека не ја направи својата бомба, вели Стајниц.
Иран тврди дека неговата нуклеарна програма е за мирни цели, но Израел и Западот ги отфрлаат таквите објаснувања, барајќи од Техеран да соработува со инспекторите на ОН и тврдејќи дека Иран ја прикрива програмата за производство на збогатен ураниум.
За Владата на Израел, иранската атомска бомба е закана за светскиот мир и безбедност. На последната владина седница, премиерот Бенјамин Нетанијаху известил дека заканата од Иран ќе биде во фокусот на неговата посета на ОН и Вашингтон. Тој во Њујорк и во Белата куќа одново ќе бара тврда политика кон властите во Техеран за да се запре нивната нуклеарна програма, ако треба и со употреба на воена сила.
Аналитичари во Тел Авив предупредуваат дека годинешнава мисија на Нетанијаху во ОН ке биде потешка од онаа во минатата година, поради новиот претседател на Иран. За разлка од неговиот претходник кој заговараше уништување на Израел и не го признаваше холокаустот, претседателот Рохани има поумерен пристап кон сите главни прашања, па и светот размислува за потребата од поблаг и поизнијансиран приод кон Иран. Франција веќе соопшти дека претседателот Франсоа Оланд ќе се сретне во ОН со Рохани.
Тоа значи дека на ова генералсно собрание на ОН, Нетанијаху ризикува да биде осамен во острите напади кон Иран и неговата нуклеарна програма, особено што меѓународната заедница сега е преокупирана со сириското хемиско оружје, заклучуваат набљудувачите во Тел Авив.