Две нови изведби на перформансот „Мачката Елеонора“ денеска и утре ќе се одржат во МКЦ Клуб. Перформансот „Мачката Елеонора“ е развиен во рамки на платформата за изведувачки уметности на Тиииит! Инк. „Испробување Феминистички Иднини 2.0“. Перформансот премиерно беше изведен на минатогодишното издание на МОТ, а поради голем интерес на публиката имаше и втора изведба во склоп на фестивалот.
„Мачката Елеонора“ е сработен по истоимената монодрама на Карен Јес, со авторски текстови од колективот и текстови на Елфриде Јелинек, Пол Б. Пресиадо и Силвија Федеричи. Нуди инспиративни, смели, но и предизвикувачки решенија и одговори за патот кон трансформацијата и предизвиците поврзани со чинот на отфрлање на светот во име на радикалната самоопределба. Колективот ги разработува овие процеси не само преку амбивалентниот лик на жената мачка Елеонора Гарацо, туку и преведувајќи ги во контекст на професионалниот, сексуалниот и родовиот идентитет преку комбинирање на текстуалната основа со свои авторски трудови и трудови од други автори/авторки.
Колективот составен од Моника Ангелевска, Грација Атанасовска, Јасмина Василева, Вероника Камчевска и Лазарус, беше одбран на отворениот повик на Платформата за изведувачки уметности ИСПРОБУВАЊЕ ФЕМИНИСТИЧКИ ИДНИНИ.
Перформансот „Мачката Елеонора“ е продукција на Тииииит! Инк. – Скопје, со финансиска поддршка од The Kvinna till Kvinna Foundation, Equality Fund, The Sigrid Rausing Trust и Министерството за култура на РСМ.