Балетската претстава на МОБ „Александар Трети Македонски“, музичко сценско дело во кое насловните улоги ги играат Васил Чичијашвили и Александра Мијалкова, утревечер ќе биде изведена во големата сала на НУ Центар за култура-Битола.
Според директорот на битолскиот Центар за култура, Борче Димитровски станува збор за спектакл кој не треба да се пропушти, особено што балетот на МОБ по подолга пауза повторно ќе гостува во Битола.
– Го подигнавме големото кино-платно кое до вчера беше исполнето со врвните мајсторства на кинематограферите од светот, и ја подготвивме големата сцена за балет што го следи современите балетски трендови, балет во два чина по музика на композиторот Љубомир Бранѓолица и кореографот Роналд Савковиќ од Хрватска, истакна Димитровски.
Во балетската претстава „Александар Трети Македонски“ освен Чичијашвили и Мијалкова,пред битолската публика, утревечер ќе настапат и Ивана Коцевска во улогата на Олимпија, потоа Бобан Ковачевски (Хефестион), Трајче Стојковски (Дариј) и Драган Кочовски (Филип Втори). Сценографијата е на Зоран Костовски, а костимографијата на Александар Ношпал.