Раст на инфлацијата од три отсто во 2024 година и враќање на долгорочниот просек на земјата од два процента во периодот 2025 – 2026 година, очекува Светска банка за Северна Македонија. Како што беше речено на денешната презентација на редовниот Економски извештај за Западен Балкан, ризик е зголемувањето на платите кои не се во согласност со продуктивноста и тоа е нешто што годинава може да ја одржи инфлацијата на зголемено ниво.
Според Светска банка, земјава бележи зголемен буџетски дефицит, а минатата година имала и економски раст најнизок во регионот. Оваа година се очекува растот да биде силно поттикнат од градежните работи на автопатиштата.
-За 2024 година проектираме стапка на раст на инфлацијата од три отсто, а во 2025 – 2026 година, на подолг рок, враќање на долгорочниот просек на земјата од два процента. Во целиот период на проекција имаме претпоставка дека тоа ќе се намалува, останува повисок од долгорочниот просек во 2024-та, но сепак, многу пониско од тоа што беше минатата година кога видовме 9,4 отсто раст на инфлација, а претходната година 14,2. трендот на намалување продолжува, но ова забавено враќање на нормалата кај нас резултитра од второстепените ефекти на инфлацијата. Ако на почетокот инфлацијата беше главно предводена од растот на цените на храната и енергијата, сега веќе тој раст се пренесува во производството – производи, повисоки цени на производство, повисоки цени на други производи кои користат инпути (енергија, услуги, трошоци за вработени). Ова е тој второстепен ефект на зголемувањето на цените кој продолжува и ние го гледаме во повисока т.н. базична стапка на инфлација. Тоа останува се уште високо за Северна Македонија, затоа очекуваме да има притисоци од таму, исто така и од континуираниот раст на платите кој продолжува и очекуваме дека ќе продолжи, истакна економистот Јоана Маџоска.
Како што истакна Сања Маџаревиќ-Шујстер, виш економист, политиките на Северна Македонија во однос на инфлацијата, биле доста соодветни.
-Северна Маледонија доста добро успева да се носи во споредба со, на пример, Србија, која забалежала најголема инфлација во регионот. Растот минатата година се забрза, имаше многу инвестиции кои ја надополнија големата побарувачка на домаќинствата и според тоа, дојде до поголема инфлација отколки што очекуваме. Она што видовме во Северна Македонија, е дека инфлаторните притисоци се намалуваат, одговорот на политиките беше доста соодветен, но она што го гледаме како ризик е зголемување на платите кои не се во согласност со продуктивнoста. Тоа е нешто што може да ја одржи инфлацијата на зголемено ниво во 2024 година. Нашите проекции укажуваат дека се работи за инфлација која се приближува кон историските цели, но сепак е зголемена. Тоа е нашето видување за оваа година. Не очекуваме некое глобално влијание од цените на стоките. Овие притисоци ќе исчезнат, но очекуваме притисоци кои доаѓаат од домаќинствата, трудот. Во регионот гледаме дека платите се зголемуваат доста отсто, а паралелно не се случува раст на продуктивноста, освен во Косово каде има доста остро зголемување на продуктивноста, рече Маџаревиќ-Шујстер.
Според неа, минатата година растот во Северна Македонија бил најнизок во регионот најмногу поради тоа што извозот не бил толку силен колку што се очекувало.
-Тоа е поради поврзаноста со германската автомобилска индустрија која бележи намалување веќе две години. Изгледите за раст не се добри и оваа година, кинеските електрични возила го преплавуваат европскиот пазар што е добра порака за Северна Македонија, потребата да се бараат производи кои ги бара пазарот и да се види како локалните фирми да станат добавувачи во секторот за електрични возила. Минатата година имаше и остро намалување на залихите и тоа не беше предвидено во нашата претходна проекција кога велевме дека растот ќе биде 1,10 отсто. Треба да видиме од каде тоа произлегува. Според Државниот завод за статистика, тоа би можело да биде поради цената на залихите или поради тоа што претходните залихи биле исцрпени, како за нафтата, така и за материјалите, објасни Маџаревиќ-Шујстер.
Во однос на фискалниот дефицит, Светска банка во Северна Македонија бележи благо зголемување. Во рамки на целиот регион, беше речено, се зголемени притисоците за социјалните трошоци – трансфери и плати. Трошоците за социјална заштита, особено во БиХ, Србија и Северна Македонија, го надминале регионалниот просек, односно надминале 13 проценти од БДП. Растот на БДП во Македонија лани бил само еден отсто, се наведува во Извештајот. За годинава перспективите се подобрени, па се очекува растот да достигне 2,5 проценти, а во наредната година 2,9 отсто.
Покрај Маџаревиќ-Шујстер и Маџоска, Извештајот го презентираа директорот на Канцеларијата на Светска банка за Косово и Северна Македонија, Масимилиано Паолучи, како и Мега Муким, виш урбан економист во Светска банка.