Иранскиот претседател Хасан Рохани ги предупреди денеска западните земји дека „ќе зажалат“ доколку дојде до било каква воена интервенција во Сирија и повика на дијалог за да се стави крај на војната во оваа земја.
– Не барајте нова војна во регионот, бидејќи поради тоа ќе зажалите, истакна Рохани во говорот на воената парада во Техеран, обраќајќи им се на владите на западните земји кои бараат воена акција во Сирија.
Тој нагласи дека „војна не може да биде спречена со војна, туку со политика и дијалог“.
Рохани ова го изјави на годишната воена парада, пред заминувањето во Њујорк на генералното собрание на ОН, каде ќе се сретне со францускиот претседател Франсоа Оланд, а не е исклучена можноста да оствари средба и со американскиот претседател Барак Обама.
Иранскиот претседател денеска ги повика сириските бунтовници да „седнат на преговарачка маса“ со Владата на претседателот Башар ал Асад. Опозициската Сириска национална коалиција претходно ја отфрли понудата на Рохани, Иран да посредува во овие мировни преговори.