Граничен полицаец во бегалскиот камп Шуфат во окупираниот Источен Ерусалим застрела и уби 12-годишно палестинско момче кое палеше огномет. Си-Ен-Ен дошол до видео на кое се гледа како Рами Ал Халхули стои меѓу другите деца држејќи запалена петарда над главата, а потоа се слуша пукање.
Момчето паднало на земја токму кога ракетата полетала од неговата рака кон небото. Портпаролот на израелската полиција изјави дека полициските сили одговориле на насилен инцидент во кампот и дека граничен службеник пукал кон осомничениот кој им се заканувал на силите пукајќи со огномет во нивна насока.
Момчето беше убиено третата ноќ од муслиманскиот месец Рамазан, кој беше во фокусот на израелско-палестинскиот конфликт во претходните години. Полицијата соопшти дека вчера вечерта, поединци фрлале молотови коктели и пукале со огномет директно кон безбедносните сили.
Момчето било пренесено во болница во критична состојба и по кратко време била констатирана смрт.
Крајно десничарскиот министер за национална безбедност на Израел, Итамар Бен-Гвир го пофали полицаецот кој пукаше и го уби момчето на Телеграм.
„Ги поддржувам борците на Граничната стража кои ги ризикуваат своите животи за да не заштитат од бунтовниците во Шуфат. Војник уби терорист кој се обиде да пука со огномет кон војниците. Токму така треба да се однесувате со терористите – одлучно и прецизно“, рече Бен-Гвир.