Државната изборна комисија ќе ја олесни постапката во формално-правниот дел за условите што треба да ги исполнуваат кандидатите кои ќе поднесат листи за избор на претседател на државата.
На денешната седница на Комисијата беше усвоена одлуката за дополнување на Упатството за поднесување, прием и потврдување на листите, со што по службена должност ќе се приберат податоци дали кандидатот го исполнува условот за жителство.
-Во условите предвидени во Уставот и Изборниот закон стои дека кандидатот за претседател треба да е државјанин и жител на Република Северна Македонија најмалку 10 години во последните 15 години. Досега потврдите и документацијата за докажувањето на овие услови кандидатите сами ги обезбедуваа од надлежните институции. Сега ние, по службена должност, земаме обврска доказите за исполнувањето на овие два услова, преку податоците во соодветните регистри на надлежните институции, да ги прибавиме во рок од 24 часа после поднесувањето на листите, во име на кандидатите кои ќе конкурираат. За да им се олесни комуникацијата на кандидатите со изборните органи и нивното претставување пред другите надлежни институции, ќе додадеме дека ќе можат, со генерално полномошно, да овластат едно лице. Тоа потоа ќе биде претставник на кандидатот и во негово име и за негова сметка пред сите изборни органи и други надлежни институции ќе може да ги презема потребните дејствија, истакна Борис Кондарко, член на ДИК:
На денешната 85. Седница, ДИК усвои Упатство за гласање на лица со попреченост, според кое Избирачкиот одбор е должен да им овозможи да влезат, односно да пристапат до гласачкото место за да го остварат своето право на глас.
-Доколку овие лица со себе не довеле друго лице кое ќе им помогне при влезот, Избирачкиот одбор е должен да определи лице од делот на избирачите кои во тој момент се затекле на избирачкото место за да му помогне на избирачот со попреченост да влезе, односно да пристапи до гласачкото место за да го оствари своето право на глас. Едно лице може да им помогне најмногу на две лица со попреченост, при што Избирачкиот одбор ќе му укаже на лицето кое помага дека не треба, односно не смее да влијае врз одлуката на избирачот. Идентитетот на лицата кои поомагаат ќе се евидентира во дневникот за евиденција на настани, истакна Бобан Стојановски, член на ДИК.
ДИК го усвои и Упатството за гласање на слепи и лица со оштетен вид, со кое Избирачкиот одбор треба да им укаже дека тие можат да го остварат своето право на глас со користење шаблон со Браева азбука и да се потпишат во избирачкиот список во помош на граничникот. Ако немаат познавање на Браевото писмо, ќе имаат право на помош од затекнатите избирачи, кои не смеат да влијаат врз нивната волја при гласањето.
Во рамки на седницата беше прифатена одлуката за формирање помошни тела на ДИК за спроведување на претстојните избори процеси, а се разгледуваа и барањата за неприфаќање на должностите за претседатели и членови на општинските изборни комисии.