Директорот на Светската здравствена организација (СЗО) Тедрос Аданом Гебрејесус изјави денеска дека децата умираат од глад во северниот дел на Газа и дека овие „мрачни наоди“ дојдоа по посетата на претставниците на агенцијата на ОН на болниците Ал-Авда и Камал Адван во текот на викендот.
Тој на социјалните мрежи напиша дека недостигот на храна резултирал со смрт на десет деца и „тешки нивоа на неухранетост“, додека болнички згради биле уништени, јавува Би-Би-Си.
Според него, СЗО успеала да испорача 9.500 литри гориво во секоја болница, како и некои неопходни медицински материјали, но дека тоа е „дел од итните потреби за спасување животи“.
Тедрос рече дека СЗО го повикува Израел да се погрижи хуманитарната помош да се доставува безбедно и редовно.
„На цивилите, особено на децата и здравствените работници итно им е потребна поголема помош. Но, клучниот лек што им е потребен на сите овие пациенти е мирот. Прекин на огнот“, нагласи Тедрос на платформата „Х“.
Министерството за здравство на Газа, кое го води Хамас, во неделата извести дека најмалку 15 деца починале од неухранетост и дехидрација во болницата Камал Адван, пренесува Би-Би-Си.