На вториот ден од преговорите за прекин на огнот во Појасот Газа што се одржуваат во Каиро, преговарачите и делегацијата на палестинската милитантна група Хамас постигнаа „значаен напредок“ кон прекин на воените дејствија, објави денеска египетската државна телевизија.
Египет, Катар и Соединетите Американски Држави повикаа на прекин на огнот по речиси петмесечните борби во Појасот Газа по нападот врз Израел од членовите на Хамас на 7 октомври минатата година, пишува „Тајмс оф Израел“.
Египетската државна телевизија објави дека се разговара за најновиот предлог, кој бара шестнеделен прекин на огнот и ослободување на заложниците.
Израел не го испрати својот преговарачки тим во Каиро откако доби незадоволителен одговор од Хамас за најновата преговарачка рамка формулирана минатиот викенд во Париз.
Според израелскиот весник, неименуван израелски функционер потврдил дека Хамас одбил да одговори на барањето на израелските власти да достави список со живите заложници и да утврди точно колку палестински затвореници Израел треба да ослободи за секој ослободен заложник.