Во цел западен свет се дозволени игри на среќа, зошто Mакедонија која цели кон ЕУ би била исклучок

Од:

Измените на Законот за игри на среќа повторно ќе се најдат пред пратениците откако претседателот Стево Пендаровски одби да го потпише указот со образложение дека е сторена несоодветна употреба на „европското знаме“ во собраниските процедури, на што укажале во официјален допис од Европската унија.

Измените меѓу другото предвидуваат објектите во кои се приредуваат игри на среќа како обложувалници и автомат клубови да бидат оддалечени најмалку 500 метри од образовни институции, со образложение дека на ваков начин се заштитува младината. Ваквата регулатива, според засегнатите страни пак, ќе значи затворање на легалните објекти за игри на среќа за сметка на отворање на диви играчници по подруми и враќање на општеството во 1990.

Аргументите пак на радикалните критичари, кои се залагаат за целосна забрана на игрите на среќа, е дека треба да се следи праксата на Албанија, Турција и Косово.

Но, компаративната анализа покажува сосема поинаква слика.

Албанија во 2019 ги забрани и затвори објектите за игри на среќа, дозволувајќи само „on-line“ играње. Но, по само четири години властите во Тирана со одлука во нивниот парламент ја укинаа оваа забрана и тоа по препорака на Европската комисија заради спречување на дивите играчници и евидентните штети по државните буџетски приходи.

Косово со 10 годишен мораториум забрани игри на среќа. Ваквата регулатива во Косово резултираше со тоа дел од косовски бизнисмени да се заинтересираат да се префрлат во Македонија и тука да се занимаваат со организирање игри на среќа.

Државните и локалните власти упорно ги прикриваат податоците колку државјани на Албанија и Косово на дневна основа ги посетуваат објектите за игри на среќа во Тетово, Гостивар, Дебар, Струга.

Грција е своевиден феномен кога станува збор за игрите на среќа. Имено, децении наназад во Грција беа забранети објектите за игри на среќа. Бројот на казина на целата нивна територија не надминуваше 7, кои претежно беа насочени кон туристите. Но, тоа сепак не ги спречуваше Грците да играат. Податоците укажуваат дека меѓу 3 и 5 илјади Грци само во еден ден ги посетуваат казината во Гевгелија. Затоа, воопшто не е случајно што локалните власти во Гевгелија тврдат дека економскиот развој на општина веќе 15 години се темели на казината и хотелскиот бизнис. Тука треба да земе предвид дека и домашните нафтени компании, стоматолозите, трговците имаат економски бенефити. Овие податоци веројатно ги принудија грчките власти да ја менуваат ригидната политика и со нов закон во 2018 дозволија нивната државна лотарија да отвора објекти со VLT апарати. Станува збор за инсталирање на 36 илјади апарати. Ниту една држава не сака нејзините граѓани да ги трошат своите пари во соседството.

Турција ги забрани казината во 1998 година, а во 2006 година и on line игрите на среќа кои не се организирани од државата.

Политичка артикулација на ставовите на радикалните критичари на игрите на среќа ја презема ДУИ која веќе подолг период се обидува да печали политички поени со тврдење дека тие се единствената партија која го турка законот, обвинувајќи ги сите други парламентарни партии дека шуруваат со приредувачите на игри на среќа. Ваквиот став на ДУИ се засили откако партиите на албанската опозиција ги обвинија дека додека нивен кадар се наоѓа на чело на Државна лотарија, потрошени се 46 милиони евра на нови ВЛТ апарати и се формирани 3 нови компании за интернет игри на среќа преку јавно-приватно партнерство со сомнителни српски и бугарски структури.

Она што е интересно е што сите поголеми политички партии декларираат дека програмски недвосмислено се определени за ЕУ и се залагаат за исполнување на највисоките демократски стандарди кои се заштитен знак на западните општества.

Имајќи го ова предвид, произлегува прашањето ако во цела ЕУ и западна цивилизација има организирани, легални игри на среќа, зошто Македонија, која тежнее да стане полноправна членка на европското семејство, би била исклучок?

АПИС (Асоцијацијата на приредувачи игри на среќа) и АСОМ (Асоцијацијата на спортски обложувалници) предупредуваат дека со следењето на праксата на Косово и Турција, а до неодамна и во Албанија, со евентуалната забрана на игрите на среќа, околу 10 илјади вработени во секторот ќе останат на улица. Истовремено тврдат дека тоа прави 35 илјади нови кандидати за иселување во Европските земји, броејќи ги вработените членовите на нивните потесни семејства. А, новиот закон би нанел сериозни економски штети и на низа други економски дејности кои соработуваат со нив, а ќе значи и загрозување на дополнителни 54 илјади работни места.

Исто така, оваа дејност годишно го полни државниот Буџет со околу 280 милиони евра, што на пример е 5 проценти од приходната страна предвидена во државната каса за 2024 година.

Покрај ова, инсистирањето да се носат ваквите измени во постапка која наиде на реакција и од официјален Брисел ги потхрани сомнежите на дел од јавноста дека целта на законските измени не е заштита на младината, туку се работи за нечии лични и тесно партиски бизнис интереси.
Асоцијациите на приредувачи на игри на среќа во изминатиот период предупредуваа дека новините во законот покрај економските, ќе имаат друг тип на негативни последици по државата. Тие сметаат дека се работи за тежок апсурд кога се тврди дека дистанцата ја заштитува младината кога во исто време државата преку Државна лотарија преку 4 платформи организира онлајн игри на среќа кои преку интернетот се достапни секаде и на секој уред, што ги прави младите многу поранливи отколку сега. Здружението на вработени во овој сектор опонира на обвинувањата дека излозите се магнетно привлечни за младината, бидејќи според нив по истата логика ќе треба да се затвораат кафулињата, рестораните и тобаката каде се служи и продава алкохол и цигари.

Дали државата ќе биде под ризик да и се повторат афери како „Детонатор“ кога полицијата во неколку градови на истокот заплени околу 1000 нелегално поставени покер апарати, ќе одлучат пратениците кои треба да обезбедат апсолутно мнозинство од 61 пратеник кои треба да ги изгласаат овие контроверзни законски измени за истите конечно да стапат на сила.

Доколку не се изгласаат измените асоцијациите и здружението на вработените изразуваат подготвеност за учество во еден широк консултативен процес во кој треба да бидат вклучени сите засегнати страни за да се дојде до реално применливи законски решенија кои ќе дадат одговори за грижите на граѓаните, а нема да создадат хаос со игрите на среќа кои ќе предизвикаат сериозни општествени штети.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Пандев, Лазаров и Стефановски веќе нема да рекламираат игри на среќа

Катерина Ѓуровски

Мицкоски: Лиценците за онлајн игрите на среќа се незаконски давани, без да бидат запазени процедурите

МВР: Кривични пријави за четири лица осомничени за „перење пари“ и „приредување на игри на среќа без лиценца”

Влада: Се укинуваат лиценците за интернет игри на среќа

„Сакам да работам“ за групата демонстранти во Струга: Се води неоснована хајка против игрите на среќа!

Предраг Петровиќ

Собранието не го прифати Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за игри на среќа и забавни игри, во прво читање