Израелските сили денеска повторно влегоа во медицинскиот комплекс Насер во Кан Јунис, откако претходно се повлекоа од најголемата функционална болница во Појасот Газа и ја опколија, соопшти Министерството за здравство на палестинската енклава.
Во соопштението се наведува дека четири израелски транспортери влегле во болничкиот комплекс, пренесува Ал Џезира.
Претходно, министерството соопшти дека израелските сили извршиле рација во медицинскиот комплекс Насер и набрзо се повлекле и зазеле позиции околу болницата.
Министерството наведува и дека отпадната вода го поплавила приземјето на болницата, а персоналот и пациентите се „без вода за пиење и лична хигиена, без храна, струја, кислород и медицинска опрема“.
Лекарите во болницата закопале 13 пациенти кои починале поради недостиг на кислород и струја откако генераторите престанале да работат, се додава во соопштението.