Турскиот борбен авион од 5-та генерација го направи првиот лет, објави денеска турскиот портал за одбранбена индустрија и воена авијација SavunmaSanayiST.com.
Според извештајот, турската армија треба да ги добие првите борбени авиони од овој тип во 2028 година, пренесува Teletrader.
Пробниот лет првично беше планиран за декември, но неколку пати беше одложуван.
Турската компанија „Turkish Aerospace Industries Inc. TUSAS“ потпиша договор со британската компанија „BAE Systems plc“ вреден 125 милиони долари во 2017 година за развој на тип на борбени авиони од следната генерација.
TUSAS сподели видео на кое се гледа како борбениот авион полетува, а потоа се враќа во воздушната база на северот на Анкара.
„Со КААН, нашата земја нема да има само борбени авиони од петта генерација, туку и технологија што ја имаат неколку земји во светот“, рече Халук Горгун, шеф на Дирекцијата за одбранбена индустрија на Турција, во соопштението на платформата X.
Турција има за цел да користи мотори од домашно производство на овие борбени авиони, додаде Горгун, чие производство се очекува да започне во 2028 година, пренесува Ројтерс. Новите борбени авиони ќе бидат придвижувани од два мотори Ф-110 на Џенерал Моторс, кои се користат и на четвртата генерација авиони Ф-16, произведени од Локхид Мартин.
Турција неодамна обезбеди договор за набавка на 40 ловци Ф-16 и 79 комплети за модернизација за нејзините постоечки авиони од ист тип од САД, откако процесот беше одложен некое време.
Соединетите Држави воведоа санкции за турската одбранбена индустрија во декември 2020 година поради купувањето на рускиот систем за противракетна одбрана С-400 и ја исфрлија Анкара од програмата за борбени авиони Ф-35. Анкара е заинтересирана и за купување на 40 авиони Еурофајтер Тајфун, кои се произведени од конзорциум од Германија, Велика Британија, Италија и Шпанија.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган неодамна нагласи дека авионот е опремен со најнова технологија, висока способност за маневрирање и прецизни системи за таргетирање.