Министерот за транспорт и врски, Миле Јанкиески денеска беше во работна посета на Општина Свети Николе и селото Ерџелија, каде што се изгради канализациона мрежа во должина од 7 километри.
– Денеска сме заедно со градоначалникот на Свети Николе, Зоран Тасев во село Ерџелија, каде што е изградена канализациона мрежа во должина од 7 километри, а инвестицијата чини 600.000 евра. Се договоривме заедно со населението од 1. октомври да почне приклучувањето на канализационата мрежа, изјави Јанакиески.
Тој нагласи дека ова е еден од 32-та проекти кои се реализираат во земјава со средства од ЕБОР. Проектите се со вредност од 50 милиони евра, истакна, а се со цел за подобрување на водоснабдувањето и изградба на канализациони мрежи.
Прашан до каде е постапката со Карго аеродромот, кој треба да се гради во близина на селата Ерџелија и Мустафино, Јанакиевски рече дека мерењата на терен ќе се одвиваат до 2023 година.
– Тој процес го следиме и им даваме постојано податоци на концесионерот ТАВ, бидејќи се инсталираше и автоматска мерна станица за да се мерат ветровите, односно по меѓународните стандарди на ИКАО. До 2023 година треба да завршат мерењата и потоа да започне изградбата на Карго аеродромот, информира Јанакиески.
Што се однесува за становите во Штип и Битола, кои се изградени за лицата кои примаат социјална помош, потоа за деца без родители и за самохраните родители, министерот Јанакиески појасни дека постапката се уште е во Управниот суд, каде што течат жалбените постапки од оние граѓани кои не добија решенија за становите. Тој очекува оваа постапка да заврши во октомври, по што ќе следи и доделување на клучевите за граѓаните кои добија решенија за користење на становите.