ДОМ ја поддржува европската манифестација „Европска недела на мобилност“, која годинава се одржува под слоганот „За чист воздух! – Ти си на потег!“ и ги повикува сите граѓани активно да се вклучат во одбележувањето на манифестацијата и да придонесат во успешноста на манифестацијата и исполнување на официјалниот слоган за цела Европа.
Според ДОМ, на овој начин граѓаните ќе ја покажат својата грижа за животната средина, ќе ги поддржат политиките и активностите за одржлив транспорт во урбаните средини и ќе ја покажат својата европска определба.
– ДОМ со години наназад води кампања за подобрување на транспортот во Скопје и Македонија. Имаме конкретни предлози за поголема употреба на велосипедите во урбаниот транспорт, подобрување и изградба на сообраќајна инфраструктура за велосипедистите и подигање на јавната свест на граѓаните за значењето на велосипедот, нивното здравје и намалувањето на загадувањето со кое сме соочени, наведуваат во соопштението.
Додаваат дека најголемото загадување на Скопје е од издувните гасови на автомобилите и затоа во изминатите години бараа повеќе велосипедски патеки и креирање зелени велосипедски коридори, обележување простор за велосипедисти на сообраќајниците, зголемување на бројот на пунктови за издавање велосипеди и нивно работење во текот на целата година, воведување пешачки зони во централното градско подрачје, создавање Зелена зона која предвидува забрана за движење на автомобили низ централното градско подрачје.