Над десетина луѓе се повредени во Буенос Аирес во судири меѓу полицијата и учесниците на протестот против економските реформи на новоизбраниот десничарски претседател Хавиер Милај, јавуваат аргентинските медиуми.
Федералната полиција употребила гумени куршуми, солзавец и физичка сила, јавува аргентинската агенција „Пагина 12“.
Најмалку 60 демонстранти се повредени, а еден од нив, адвокат за човекови права, може да изгуби око, според агенцијата.
Долниот дом на аргентинскиот Парламент во петокот, по неколкудневна дебата, го усвои предлогот за реформи на претседателот Хавиер Милај.
За усвојување на реформскиот пакет мерки гласале 144 пратеници, а против биле 109.
Неопходно е пакетот реформи да биде ратификуван во Сенатот на Аргентина, каде поединечно ќе се гласа за секоја од точките од пакетот.
Доколку бидат ратификувани од Сенатот, реформите ќе овозможат отпуштања без објаснување и драстично намалени отпремнини, укинување на задолжителната плата за прекувремена работа и казни за компаниите кои не плаќаат придонеси, наведува Ројтерс.
Милеј се стреми да има ограничени права на штрајк и породилно отсуство, па според новите правила, бремените жени би можеле да отсуствуваат од работа само 10 дена пред породувањето, наместо 45, како што предвидува сегашниот закон.