Рускиот претседател Владимир Путин ја обвини Украина за соборувањето на воениот авион во кој загинаа украински воени затвореници, пишува Politico.
„Главната управа за разузнавање на украинските вооружени сили знаеше дека таму носиме воен персонал и знаејќи го тоа, тие го гаѓаа авионот“, рече Путин, во својот прв говор по падот на Иљушин Ил-76 во средата кај Белгород.
„Не знам дали тоа го направија намерно или по грешка“, рече Путин.
Се тврди дека руската војска пронашла два проектила истрелани од територија под контрола на Украина кои го погодиле авионот.
„Најверојатно беа американски системи Патриот или европски, веројатно француски“, рече Путин.
Путин ги отфрли теориите за „пријателски оган“ за соборувањето на авионот. „Постојат пријателски или непријателски системи и колку пати и да го притиснат копчето, нашите системи за противвоздушна одбрана нема да се активираат“, рече Путин.
„Жал ни е само за нашите пилоти“, додаде тој.
Во четвртокот, украинскиот претседател Володимир Зеленски повика на меѓународна истрага за несреќата, а Киев рече дека не можат да потврдат дека авионот превезувал украински воени заробеници. Украинските медиуми прво објавија дека украинските вооружени сили го собориле авионот, но потоа ја повлекоа таа објава.
Рускиот Федерален истражен комитет објави (многу зрнеста) снимка на која наводно се гледа како украинските заробеници се натоварени во воениот транспортен авион Ил-76 кој беше соборен во средата.