Светска банка планира да одвои околу 700 милиони евра за спроведување на новата стратегија за соработка со Македонија

Од:

Светска банка денеска соопшти дека Бордот на извршни директори ја разгледал новата стратегија за соработка со Северна Македонија 2024-2028 во која фокусот ќе биде ставен на зајакнување на конкурентноста на земјата, развивање на човечкиот капитал и зајакнување на отпорноста на климатските промени.

– Стратегијата ја истакнува потребата за Северна Македонија да го поттикне растот во создавање на повеќе работни места во контекст кој продолжува да се потпира на микро и мали претпријатија со ограничен пристап до вештини и финансии потребни за иновации и раст на сѐ поконкуретни домашни, регионални и глобални пазари. Немањето доволно можности за динамични работни места ја поттикнува имиграцијата, ги продлабочува демографските предизвици и го попречува подобрувањето на продуктивноста, се вели во соопштението од Светска банка.

Според директорот на Канцеларијата на Светска банка за Северна Македонија и за Косово, Масимилиано Паолучи, за да се одржи развојот на Северна Македонија, приоритет е создавањето на привлечни работни места, особено за младите, а за тоа треба да се создадат услови за приватниот сектор да биде двигател за раст и за создавање работни места.

Стратегијата, како што се посочува во соопштението, предвидува и обновени напори за промовирање на поголема поврзаност на земјава со регионалните и глобалните пазари за да се олесни трговијата и пристапот кон Европската унија.

За спроведување на Стратегијата, Светска банка планира да обезбеди околу 700 милиони евра за финансирање во следните пет години, придружено со советодавни програми и техничка помош.

– Стратегијата потврдува дека поттикнувањето на растот и создавањето нови работни места ќе бара дополнителни реформи за подобрување на конкурентноста. Таа ќе поддржи насочени интервенции во областите на одговорност на јавните институции и фискална одржливост за подобрување на квалитетот на испораката на јавните услуги. Стратегијата, исто така, ќе го поддржи преминот кон почисти извори на енергија, имајќи предвид дека Северна Македонија во моментов се потпира на високо загадувачки лигнит и нафта за 70 отсто од своите енергетски потреби и за проширување на климатски отпорна инфраструктура за да се ублажи влијанието на поплави, лизгање на земјиштето и шумски пожари, велат од Светска банка.

Зелената транзиција, се посочува во соопштението, ќе добие значителен поттик и од зголемената поддршка од Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ), членка на Групацијата Светска банка.

Регионалниот директор за Западен Балкан при ИФЦ, Никола Маркие смета дека е потребно вклучување на приватниот капитал во инвестирање во обновлива енергија и енергетска ефикасност, за да се одржи траекторијата на одржлив развој на Северна Македонија.

Бордот на извршни директори на Светска банка минатата недела одобри и два нови инвестициски проекти за земјата – за подобрување на социјалните услуги во износ од 27,5 милиони евра и 31 милион евра за Проектот за надградба и развој на патиштата којшто треба да помогне во подобрување на транспортната поврзаност долж делницата од Коридор VIII, меѓу Скопје и Деве Баир.

Би можело да ве интересира

Димитриеска-Кочоска на средби во Светска банка: Континуитетoт во поддршката од СБ од голема важност за нашата развојна агенда

А1он

Гувернерката Ангеловска-Бежоска на Годишните средби на ММФ и Светска банка

Средби со Светска банка: Светска банка со поддршка на реформските активности на Народната банка за пристапување кон СЕПА

Николоски на средби во СБ – Продолжуваме со спроведување на реформите дефинирани со нашите партнери, 695 милиони долари поддршка од СБ

Наместо замрзнување на цените, да се обезбедат подобро платени работни места препорачува Светска банка

Светска банка: Македонија со најнизок економски раст во регионот