Mинистерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу одржа прес конференција, за која се шпекулираше дека ја свикува за да поднесе оставка поради неставањето на дневен ред на законите кои ги предлага министерството со кое раководи.
Оставка не поднесе туку побара уште утре пратениците да седнат и да расправаат за законите.
„Нашите граѓани заслужуваат промени, имаше шпекулации дека ќе се откажам, дадам оставка, но јас сум се нафатил на овој ангажман со чест и за да им служам на граѓаните и да допринесам во визијата да оставиме подобра држава. И оние кој ме знаат знаат дека не се откажувам. Ако има било каква причина овие закони да не се донесат јас сум подготвен да доставам оставка најпрво до мојата партија, но досега никој не ми кажал дека овие закони не треба да бидат донесени и не разбирам зошто се одложува“, рече Алиу.
Станува збор законите за реформа на јавната администрација, два за дигитализација како и законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, закони што се носат со европско знаме.
„Одложувањето на овие закони ја попречува реформата на јавната администрација која е услов и од европската унија. Реформата на јавната администрација е неопходна. А прв чекор е преку донесување на закони усогласени со Европската Унија. Ги поканувам пратениците уште утре да разговараме, не смееме да чекаме бидејќи ова се клучни закони. Нема време за губење, реформи сега и веднаш“, рече Алиу.
„Не може да има систем ако тој систем зависи од вољата на индивидуи. Или македонскиот систем ќе се реформира или ќе пропадне во крпениците кои ги правиме. Законите мора да се донесат час поскоро зошто се во интерес на граѓаните“ рече Алиу.
Откако се објави дека Алиу размислува да се повлече бидејќи му ги блокираат законите на кои тој бил фокусиран во изминатите единасесет месеци, Премиерот Димитар Ковачевски разговарал со министерот. Рече дека разговарал со Алиу и дека в четврток целата Влада ќе биде во оставка, па смета дека никој од министрите нема потреба да поднесува одделно.
„Министерот Алиу е квалитетен човек. И како министер и кога нема да биде министер моето мислење е исто. Дискусијата е во насока на законите што неговото Министерство ги има предложено во Собранието и за кои веќе се подготвува расправа. Има пратеници што имаат поинакви мислења за дел од овие закони. Се работи за закони за јавната администрација, работните односи. Се надевам дека Алиу ќе има можност тоа да го презентира на парламентарната комисиска расправа и на парламентарната пленарна седница. И теба да ги презентира, напорно работеше на нивната финализиација“, рече Ковачевски.
Алиу е на чело на МИОА од февруари минатата година, а дојде од редовите на Алијансата за Албанците. Според информациите, Алиу е незадоволен бидејќи СДСМ и ДУИ одбиваат да ги стават на собраниска агенда законите за реформа на јавната администрација, дигитализацијата и законот за медиумите, што ги предлага Министерството.