Естонскиот министер за внатрешни работи Лаури Ланеметс денеска изјави дека Русија ѝ ја проширила на Естонија провокативна мерка, првично насочена кон Финска, со „намерно“ дозволување на барателите на азил без визи или дозволи за престој да стигнат до заедничкиот граничен премин, пишува весникот „Делфи“.
„Русија ги ослободува без никаква основа, што значи дека овие луѓе доаѓаат кај нас и ние треба да се справиме со нив. Бидејќи немаат основа за влез во Европската Унија, очигледно ова е организирана и намерна активност за оптоварување на активностите на границите“, изјави естонскиот министер.
Тој изјави дека Естонија досега ги враќала сите лица кои се обидувале да ја преминат границата без документи или дозволи и дека била во блиска комуникација со Финска и со другите соседни земји.
Финска претходно денеска објави дека целосно ќе затвори четири гранични премини со Русија од петок навечер до февруари 2024 година, откако ја обвини Москва дека пропушта мигранти без документи кон границата.
Односите меѓу Русија и Естонија се влошија откако Москва започна инвазија на Украина во февруари 2022 година, што ја натера Естонија да протера 21 претставник на руската амбасада во 2023 година. Москва возврати со протерување на естонскиот амбасадор од Русија.