Новата Влада на Албанија треба брзо да постигне успех во борбата со корупцијата и организираниот криминал, ако сака земјата да стане кандидат за членство во Европската унија до крајот на годината, изјави претседателот на Европската комисија, Жозе Мануел Баросо на средба со албанскиот премиер Еди Рама.
– Во принцип Албанија може да го добие статусот на земја- кандидат (за членство) во текот на оваа година. Така што тоа е достижно, но сепак бара определени напори, изјави Барозо за време на посетата на Рама на Брисел.
Како шо пренесе ДПА. европскиот претставник забележа дека „следните недели се критични“.
– Има една сфера која бара особено внимание – почитување на владеењето на правото, вклучувајќи ја и борбата против корупцијата и организираниот криминал, додаде тој. – Реформите треба да продолжат и дури и да се забрзаат, не за да и направите услуга на ЕУ, туку за да направите услуга на албанските граѓани, потенцира Баросо.
Еврокомисијата во октомври ќе објави нов извештај за напредокот на Албанија и другите земји, кои се стремат кон членство во ЕУ. Се очекува лидерите на Унијата на самитот во декември да донесат одлуки по препораките на Комисијата.
Рама, од своја страна, изјави дека неговата Влада и владејачката Алијанса за европска Албанија се „апсолутно посветени“ на добивањето статус кандидат за членство и почнување на преговорите за приклучување кон ЕУ.
– За нас тоа е од клучно значење. Но, ние знаеме дека Албанија треба да го заслужи тоа и сме апсолутно ангажирани со тоа да Ве натераме да донесете одлука во наша корист, првенствено врз основа на резултатите, подвлече социјалистот Рама, кој стапи на должноста на крајот на минатата недела.