Претставниците на црногорскиот парламент во раните утрински часови ја избраа владата предложена од мандатарот Милојко Спајиќ со 46 гласа за, 19 против и еден воздржан. Дебатата за владата на Спајиќ почна нешто пред полноќ во парламентот, кој има вкупно 81 пратеник.
Во новата влада се министрите од Движењето Европа сега на Спајиќ, демократот Алексе Бечиќ, кој стана и вицепремиер задолжен за безбедност, и Албанската национална партија и умерената просрпска СНП, кои имаат по двајца министри. Владата беше поддржана од просрпската и проруската десница, чиј лидер Андрија Мандиќ претходно беше избран за претседател на парламентот, но тие не влегоа во владата. Неговата коалиција би можела да влезе во владата на почетокот на 2025 година, кога според нивниот договор треба да се реконструира владата.
Спајиќ во своето обраќање пред пратениците вети дека во првата година од мандатот просечната плата во Црна Гора ќе биде 1.000 евра, а минималната пензија од мај ќе биде 450 евра. Опозицијата за време на дебатата тврдеше дека владата на Спајиќ ќе биде под директна контрола на просрпската и проруската десница.
Тоа значи дека 44-та влада ќе биде антиевропска, антицрногорска и проруска, изјави Данијел Живковиќ од Демократската партија на социјалистите. Милојко Спајиќ беше министер за финансии во првата влада формирана откако Демократската партија на социјалистот Мило Ѓукановиќ беше поразена на изборите за прв пат по триесет години во август 2020 година.
За време на својот едногодишен мандат, заедно со тогашниот министер за економија, а сега претседател на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, ја спроведуваше програмата „Европа сега“ со која минималната плата во Црна Гора се зголеми од 220 на 450 евра.
На крилјата на тој популистички потег, Спајиќ и Милатовиќ ја формираа политичката партија „Движење Европа сега“, која победи на парламентарните избори во Црна Гора во јуни. Два месеци претходно во април, Милатовиќ го победи Мило Ѓукановиќ на претседателските избори.
Во биографијата на Милојко Спајиќ стои дека 36-годишникот ги завршил студиите во Јапонија и Кина, а магистрирал во Франција. Работел во Токио и Сингапур, во глобалната банкарска групација Голдман Сакс и бил партнер на фондот Venture Capital во Сингапур.
Првата дипломатска средба на Спајиќ треба да биде со претседателката Урсула фон дер Лајен, која моментално престојува во Подгорица. Исто така, првата одлука што треба да ја донесе владата на Спајиќ е да го одложи за еден месе, пописот што требаше да започне утре.