На предлог на Општина Аеродром, Советот на Град Скопје вчера усвои иницијатива за намалување за 50% на комуналиите за изградба на објекти за индивидуално домување во Лисиче.
Во текот на месец јуни, советот на Општина Аеродром донесе одлука за доставување иницијатива до Град Скопје за намалување на комуналиите која од страна на мнозинството членови на советот беше усвоена на вчерашната седница. Станува збор за одлука која ги опфаќа жителите кои живеат на улиците Ѓорѓи Капчев и Тодор Чангов, како и населените места Горно Лисиче и населба Лисиче.
Општина Аеродром апелира до градоначалничката Арсовска во најкраток рок да ја спроведе изгласаната одлука. Истовремено изразуваме жалење што членовите на советот кои доаѓаат од редовите на политичката партија „Левица“ не дадоа поддршка за оваа иницијатива, што доволно говори за негрижата на оваа политичката партија за граѓаните на Аеродром и проблемите со кои тие се соочуваат.
Веројатно, кочењето на започнатите проекти во Аеродром се единствената партиска заложба на која тие се уште цврсто стојат.
Последната одлука донесена од страна на Советот на Град Скопје, а по иницијатива на општината е уште една потврда на заложбата на Општина Аеродром за решавање на проблемите на граѓаните, особено оние што во услови на сериозна финансиска криза предизвикуваат дополнителни финансиски оптоварувања на семејниот буџет.