Двопартиската поддршка на САД е многу охрабрувачка за Украина и нејзината армија, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски по телефонскиот разговор со американскиот претседател Џозеф Бајден.
Зеленски на платформата Х (Твитер) напиша дека американската инвестиција во одбраната на Украина ќе обезбеди долгорочна безбедност за Европа и светот. Бајден, кој во четвртокот разговараше за воената поддршка за Киев со Зеленски, ќе побара од Конгресот да одобри помош од 100 милијарди долари, вклучително и 60 милијарди долари помош за Украина и 14 милијарди долари за Израел, изјави извор запознаен со планот на Бајден.
Изворот за Ројтерс изјави дека половина од сумата од 60 милијарди долари за Украина ќе биде наменета за замена и модернизација на залихите на американско оружје.
На почетокот на месецот, Конгресот во последен момент усвои план за продолжување на финансирањето на работата на владата, но во договорот за одржување на финансирањето до средината на ноември, беа испуштени милијарди долари помош за Украина, додека се повеќе Републиканците не поддржуваат продолжување на американската помош за Киев.