Се намалува возраста на пациенти со мултипла склероза во земјава, ги има и под 10 години

Од:

Се намалува возраста на пациенти со мултипла склероза во државата, заболуваат и лица под 10 години. За среќа, изминатите години е подигната свеста за оваа болест со бројни активности, меѓу другото и за да се намали стигмата кон заболените.

– На Клиниката се регистрирани околу 1.300 пациенти со оваа болест. Проекцијата е дека кај нас ги има околу 2 000 пациенти. Во последно време, возраста се намалува на пациентите, има и на под десетгодишна возраст. Најчесто се, меѓу 20 и 50 години, вели во изјава за МИА доцент доктор Игор Кумановски од Клиниката за неврологија во Скопје.

Кузмановски нагласува дека многу е важно рано да се препознае болеста и навремено да се третира. Во последните 20 години, вели тој, има високо активна терапија, што во огромна мерка ја намалува прогресијата на инвалидитетот.

Во амфитеатарот на Деканатот на Медицинскиот факултет, по повод Националните денови на мултипла склероза, денеска се одржа едукативен настан со цел да се подигне свеста и интересот на идните доктори за оваа болест, како и да се приближат до искуствата што ги имаат заболените. Настанот беше во организација на Националното здружение за мултипла склероза во соработка со Македонската медицинска студентска асоцијација.

Според Ана Карајанова – Димитрушева, претседателка на Здружението, сегашниот стручен кадар со текот на времето ќе го оствари правото на пензија, а на пациентите секогаш ќе им бидат потребни врвни доктори во оваа област.

Мултипла склероза е една од најчестите невролошки нарушувања и причини за инвалидитет кај младите возрасни лица.

– Тоа е хронична, прогресивна, имунолошки посредувана, воспалителна и дегенеративна болест на централниот нервен систем. Настанува кога имуниот систем ја напаѓа обвивката на нервните клетки – миелин, во мозокот, рбетниот мозок и оптичките нерви, предизвикувајќи воспаление и последователна дегенерација, што води до прекин на невротрансмисијата на сигналот од една нервна клетка до друга, појаснува Карајанова-Димитрушева.

Беше кажано и дека повеќето лица со оваа болест се дијагностицираат на возраст од 20 до 40 години и околу два-три пати почесто се дијагностицираат жени, наспроти мажи.

Би можело да ве интересира

Марш за подигнување на свеста за проблемите на лицата со мултипла склероза

Здружението за поддршка на лица со мултипла склероза бара да се преиспита одлуката за адаптација на Неврологија како Ковид центар

Ана Ололовска

Здружението за лица со мултипла склероза: Упативме прашања до 12 политички партии, одговор добивме од една

Ана Ололовска

Одбележување на Светскиот ден на мултипла склероза

Ана Ололовска

Одбележување на Светскиот ден на мултипла склероза

Ана Ололовска

Формирано Национално здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза

Ана Ололовска