Велика Британија денеска објави дека планира да го зголеми своето воено присуство во Северна Европа, вклучително и распоредување на 20.000 војници во регионот.
Распоредувањето е планирано за следната година, за да помогне во заштитата на критичната инфраструктура во услови на зголемени стравувања од руска саботажа.
Британскиот премиер Риши Сунак претходно се сретна со официјални претставници и шефови на држави на самитот посветен на соработката во областа на одбраната, што се одржува на островот Готланд во Шведска, пренесува Ројтерс.
Британија ќе испрати 20.000 војници, морнари, маринци и пилоти во регионот на Северна Европа, како и осум бродови на Кралската морнарица и група борбени авиони и воени хеликоптери.
Тие ќе учествуваат во вежби заедно со силите на повеќе земји и ќе вршат воздушно извидување.
Група нордиски и балтички земји, како и Холандија и Британија, се состанаа во Шведска на самит за соработка во одбраната, неколку дена откако гасоводот и кабелот за податоци беа оштетени во Финскиот залив.
Финските власти рекоа дека тоа е резултат на „надворешна активност“, што предизвика загриженост во поширокиот нордиски регион.
„Оваа недела видовме уште еднаш дека нашата безбедност не може да се земе здраво за готово. Од клучно значење е да бидеме обединети против оние кои имаат зли намери“, рече Сунак.