Унијата на ветерани е почетокот на ВМРО-ДПМНЕ која пак како таква е продолжение на столетната борба за слобода и она што потекнува од најдлабоките корени за македонскиот народ и претставува неговиот темел, организацијата која го одбележа постоењето и пркосната борба на Македонците за каузата во која непоколебливо и столетно верува – слободата, независноста и својата држава Македонија. Таа организација ВМРО на многу генерации им донесе тежок живот, страдања, ужаси, прогони, ама луѓето кои беа дел од нејзе се најдобрите синови и ќерки на нашата идеја за слободна Македонија. Така што, постои една папочна врска помеѓу Македонија и ВМРО, и тие се едни сопатници низ времето, чувари на огнот и затоа многумина од вас велат додека постои ВМРО, ќе постои Македонија, рече во своето обраќање на годишната конференција на Унијата на ветерани на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Во својот говор Мицкоски рече дека „историски гледано најголемиот непријател и најголемата пречка во сите наши предизвици е неединството и тоа е дивото месо на Македонија визави сите колективни неуспеси и порази“.
„Тоа неединство на народот е стимулирано секогаш од групи и центри кои посакувале на тој начин да ги заштитат личните интереси за сметка на колективниот интерес. Власта знае дека е декласирана и она што со сите сили сега преку разно-разни лакеи инсталирани во опозицијата сака да постигне е неединство. Затоа ве повикувам сите вие многу трезвено и со внимание да не подлегнувате на оние кои лажно се претставуваат и сакаат да наседнете во пропагандата дека сите се исти. Ако сте незадоволни, силно разочарани, со многу омраза и гнев за она што се случува, мораме да бидеме единствени. Многу омраза и гнев, за жал, е насобрано во нас поради сето она што се случува, а да бидеме единствени е нашата единствена опција. Само така ќе бидеме сили и нескршливи со сила за промени. Повикувам на обединување на народот против оваа власт. На една страна власта и нивните слуги и лакеи, на друга страна ние, народот на Македонија. Повикувам на единство потребно за силни промени кои ќе значат победа на принципите, надежта и заедничкиот патриотизам во кој силно верувам. Да постигнеме единство и обединување против злото кое ја уништува секоја клетка во ова општество.
Во наредниот период јас и ВМРО-ДПМНЕ ќе бидеме меѓу народот, на терен. Ќе отпочнеме со нов пристап и кампања најнепосредно меѓу народот. Ќе разговараме за проблемите, но и за решенијата. Народот мора да очекува и ќе добие понуда за тоа зошто мора да има промени. Но и дека промените зависат од секој еден поединец. Силата е во секој еден од вас. Македонија се наоѓа на крстосница! Изборот е повеќе од јасен: или ќе продолжи бездушната апатија која како вртлог ги влече луѓето кон дното или ќе ги промениме работите – рече лидерот на најголемата опозициска партија.
Притоа тој нагласи:
„Сега повеќе од било сакам гласно да кажам – ВАЖНО Е! ВАЖНО Е да го кренете вашиот глас! ВАЖНО Е да се обединиме против лошото владеење! ВАЖНО Е сега, вистински важно е да се приклучиш на промените и да знаеш дека од тебе зависи твојата иднина и иднината на твоите најблиски. ВАЖНО Е сега да знаеш дека ако сакаш да ги промениш работите мора да се обединиме околу ВМРО-ДПМНЕ и само така твојот глас ќе има вредност и важност. ВЖАНО Е да се направи разлика помеѓу власта, слугите и лакеите на власта во опозицијата и опозицијата која ја руши власта. ВАЖНО Е твојот глас да се вреднува, сега да се делува и да се рушат неправдите, притисокот од власта, да стигне казната за криминалот. ВАЖНО Е да учествуваш во решенијата и програмата кои ќе ги создадеме и понудата за која ќе се избориме. ВАЖНО Е да победи надежта, да се гради иднина. МАКЕДОНИЈА да застане на нозе. Да изгрее сонцето на слободата, да ја кренеме главата, да дојде почетокот на обновата во која веруваме и за која се бориме. Ова се мигови на пресвртница, на колективно рестартирање на деградираното општество и на враќање на вредностите во кои веруваме. Лошите политичари не се и не смеат да бидат посилни од добриот и напатен народ. Се бориме за достоинство, среќа и иднина! За нашата горда и просперитетна Македонија. За генерациите што немаа можност да се изборат, а оставија завет, но и за генерациите што доаѓаат. За среќен народ!
За иднина во која веруваме заедно, само заедно браќа и сестри ќе победиме“.