Во Албанија околу 600 деца не одат на училиште, поради страв од крвна одмазда, соопштија албански невладини организации.
Според извештајот на невладината организација „Одборот за помирување“, кој што на почеток на септември беше објавен во Тирана, околу 600 жени и 590 деца, на возраст од три до петнаесет години, живеат затворени во своите куќи од страв да не бидат убиени.
-Повеќето од тие деца немаат никакво средство за комуникација и не може да одат на училиште – појаснува Џин Марку од организацијата.
Албанските власти поради тоа минатата година започнаа проект за образование на децата во нивните домови.
Новата министерка за образование, Линдита Николи рече дека властите и понатаму ќе им помагаат на децата, но дека нивна цел е да им се овозможи да одат на училиште како и останатите деца.
Според повеќевековната традиција сите членови на едно семејство, вклучувајќи ги новороденчињата и малите деца, можат да бидат жртви на крвна одмазда.
Елена Георгиевска