Русија мора да стави крај на блокадата и гранатирањето на украинските пристаништа, бидејќи руската блокада на украинскиот извоз на жито на светскиот пазар ги загрозува животите на најмалку 250 милиони луѓе во земјите во развој, предупреди денеска во Њу Делхи претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел на прес-конференција пред состанокот на Г20.
„Русија продолжува да ја напаѓа суверената држава Украина, убивајќи луѓе и уништувајќи ги нејзините градови. Затоа ЕУ ќе продолжи цврсто да стои зад Украина и да врши зголемен притисок врз Русија. Војната во Кремљ влијае на животите многу подалеку од Украина, вклучително и во Јужна Азија. Повеќе од 250 милиони луѓе се соочуваат со акутна несигурност во храната“, рече Мишел.
Тој изјави дека Кремљ, намерно напаѓајќи ги украинските пристаништа, лишува милиони луѓе ширум светот од многу потребната храна.
Како што оцени, скандалозна е ситуацијата кога Русија по уништувањето на Црноморската иницијатива за жито ги блокира и напаѓа украинските поморски пристаништа.
„Ова мора да престане, бродовите мора да имаат слободен пристап до Црното Море и да испорачаат 32 милиони тони украинско жито на пазарот, особено во земјите во развој, на иницијатива на Антонио Гутереш и ОН. Во овој контекст, предлогот на Кремљ да обезбеди еден милион тони жито за Африка е апсолутно циничен“, нагласи претседателот на Европскиот совет.