Градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски и претседателот на Советот Дејан Митески, денеска на учениците од основното училиште „Лазо Ангеловски“ им поделија бесплатни таблет уреди.
Набавката е целосно реализирана со средства од општинскиот буџет и во рамките на овој проект, околу 900 ученици ќе добијат нови уреди со кои ќе се надмине дигиталниот јаз кај нив и тие ќе ги користат за стекнување нови знаења и развој на дигитални вештини.
Градоначалникот Муцунски во изјавата за медиумите потенцираше дека детските насмевки во основното училиште „Лазо Ангеловски“ се уште една потврда дека со континуираните инвестиции во образованието, Општина Аеродром е на вистински пат, но и дека денес се промовира убав проект, од кој бенефит ќе имаат учениците во Аеродром.
„Ние не застануваме тука, продолжуваме да инвестираме во учениците, како важен сегмент од процесот на создавање модерна и развиена општина. Посебно се радувам на ваквите проекти, затоа што во услови кога централна власт заборава на учениците и предизвикува неизвесност, ние секојдневно промовираме нови проекти со кои го унапредуваме образовниот процес на локално ниво“, нагласи Муцунски во изјава за медиумите.