Кремљ објави дека истрагата за авионската несреќа во која загина шефот на платеничката група Вагнер, Евгениј Пригожин, вклучува можност дека несреќата е намерно предизвикана, што е прво недвосмислено признание дека Пригожин можеби е убиен.
– Очигледно е дека се разгледуваат различни верзии за настанот, вклучително и верзијата – знаете за што зборуваме – да речеме дека тоа е намерно испровоцирано злосторство – им рече на новинарите портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, повикувајќи да се „почекаат резултатите од руската истрага“.
Приватниот авион Ембраер од бразилско производство со кој Пригожин патувал од Москва до Санкт Петербург, се урна на 23 август северно од Москва, при што загинаа сите 10 лица во него. Меѓу нив беа уште двајца важни членови на групата Вагнер, четворицата телохранители на Пригожин и тричлениот екипаж.
Се уште не е позната причината за несреќата.
Од првиот ден, имаше бројни теории на заговор за смртта на Евгениј Пригожин. Не е мал бројот на оние кои веруваат дека неговата „смрт“ му одговара и на Путин и нему. Зошто Пригожин, ако знаел дека е потенцијална цел, би бил во Русија и би се качил во авионот? Фактот дека телата наводно биле целосно изгорени предизвикува сомнеж кај многумина.
Една од теориите е дека двојникот на Пригожин загинал во авионската несреќа.
Украинските медиуми продолжуваат да шират теории на заговор и да инсинуираат дека Пригожин е жив, а неговиот двојник е мртов. Наводно, денес сопругата на најпознатиот двојник на Пригожин била видена на гробот на Пригожин на гробиштата Прохоровское.
Според украинските медиуми, „сопругата на Леонид Красавина, Ирина изгледала депресивно“, објави Антон Герашченко, советник во украинското МВР.