Три куќи и две помошни простории изгореа во пожарот што вчера избувна меѓу селата Бељаковце и Руѓенце. Од Центарот за управување со кризи информираат дека изгореле две стари, но функционални куќи и две помошни простории во Бељаковце, како и една стара напуштена куќа во селото Руѓенце.
– Пожарот се движеше во два правци со линија подолга од еден километар, а и двата крака дополнително загрозуваа други куќи од овие две села. Ветрот го ширеше огнот многу брзо, изгореа високата сува трева, трња, дрвја, а меѓу нив и лесно горливите ниски смреки и други зимзелени дрвја. Чекањето на раните утрински часови, кога можеа да полетаат двата полициски и еден армиски хеликоптер, ќе предизвикаше дополнителен ризик за куќите и населението во овие две села. Затоа пожарникарите интервенираа во текот на ноќта со гаснење по земја, вели директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов.
Во гаснењето на пожарот биле вклучени пожарникари од Старо Нагоричане, Ранковце и Крива Паланка, а поради сериозноста и алармантната ситуација напомош стигнале и пожарникари од Кавадарци, Штип, Свети Николе и Куманово, вклучително и доброволци од противпожарно друштво од Свети Николе, но и неколку локални жители.
– Пожарникарите со теренски возила беа пренесени до линија на огнот каде со рачни прскалки со 20 литри вода кои се носат на грб, како и специјални противпожарни метли со метални ленти се гаснеше пожарот. По двочасовна интервенција целосно е изгаснат овој пожар. На двата крака остана по една дежурна екипа пожарникари од Кавадарци и Штип чија задача беше да внимаваат пожарот повторно да не се разгори.Утрово пожарот е изгаснат и нема нова опасност од разгорување, вели Ангелов.
Пожарот избувна вчера попладне околу 15:30 часот и според првичните проценки опожарена е површина поголема од 100 хектари.