Ирена Павлова Де Одорико е годинашниот добитник на наградата „Стојан Христов“ за најдобра книга со поезија од иселеник што ја доделува Агенцијата за иселеништво, известуваат од НУМ „Струшки вечери на поезијата“.
Наградата е доделена со одлуката од жири-комисијата на СВП, во состав Славе Ѓорго Димовски, Драгана Евтимова и Митко Гогов, а ѝ е доделена за поемата „Светец“.
-Поемата „Светец“ е специфична за целокупното творештво на Де Одорико, бидејќи за првпат се одлучува да пишува преку машки фиктивен лик, така наречен Петкамен Петко, кој е создаден од страна на народот, лик-гласник што носи утеха за подобри времиња и предизвикува духовен интерес, хуманост, љубезност и ги учи луѓето на љубов и емпатија, рече Драгана Евтимова, дел од жири-комисијата.
Ирена Павлова Де Одорико е македонска писателка, поет, новинар, која моментално живее и работи во Италија, каде што и ја претставува македонската култура и литература. Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 2001 година. Нејзините песни се застапени во многу македонски и светски антологии.
-Ви се заблагодарувам на оваа престижна награда. „Светец“ или Петкамен Петко е секој од нас, оној што ќе ја изоди голготата и ќе воскресне по патот на една вистинска свесност. Петко е сиромашен, битник, неосвестен светец, глас на народот во мене, мноштвото, кое обратно, од индивидуализација, по Јунг, патува низ него, кон комплетна самосвест, низ афрадануе, до светлината, изјави авторката Де Одорико.
За време на доделувањето на наградата, директорот на Агенцијата за иселеништво, Слободан Близнаковски, додели благодарница на „Струшки вечери на поезијата“ за 15-годишната соработка.