Шефовите на дипломатиите на Турција и Украина изјавија дека бараат други решенија за извоз на украинско жито, но најдобро решение е да се обнови договорот за извоз преку Црното Море. Договорот направен со помош на Турција и Обединетите нации, минатата година овозможи безбеден извоз на украинско жито преку Црното Море, а Анкара се обидува да ја убеди Москва да го обнови.
На почетокот на овој месец, Украина објави „хуманитарен коридор“ во Црното Море за пловидба на товарните бродови блокирани во нејзините пристаништа. Првиот брод што помина низ тој коридор пристигна во Истанбул минатата недела. Шефот на турската дипломатија Хакан Фидан на прес-конференција одржана за посетата на Киев рече дека обновувањето на договорот е приоритет за Анкара.
„Обновувањето на таа иницијатива е приоритет за Турција… Се надевам на успех. Русија мора да биде вклучена за да се постигне функционален договор“, рече Фидан, додавајќи дека другите решенија нема да бидат толку ефективни.
Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба изјави дека Киев работи на отворање други рути.
„Објективно гледано, функционирањето на трасата преку Црното Море е оптимално решение од сите гледни точки“ и „блокадата на Црното Море мора да престане“, рече Кулеба.
Како дел од договорот, од кој Русија еднострано се повлече во јули, Киев извезе околу 33 милиони тони жито, што помогна да се стабилизираат цените на храната во светот.
Во јули, Русија еднострано се повлече од договорот за жито, тврдејќи дека не ја исполнила својата цел, а тоа е да им помогне на луѓето во опасност од глад, особено во Африка. После тоа, Русија побара помош од Турција за извоз на жито во африканските земји, заобиколувајќи ја Украина.