Александар Лукашенко денеска изјави дека јадрото на групата Вагнер ќе остане во Белорусија, по смртта на водачот на таа приватна армија, Евгениј Пригожин.
Падот на авионот на Пригожин е резултат на „груба, непрофесионална работа“ што не е поддржана од раководството на Руската Федерација, изјави претседателот на Белорусија.
„Затоа не можам да замислам дека Путин го направил тоа, дека Путин е виновен“, вели Лукашенко, додавајќи дека Пригожин никогаш не побарал од него безбедносни гаранции.
„Не морам да ја гарантирам безбедноста на Пригожин. Тоа е првата работа. Второ, разговорот никогаш не бил воден во таа насока“, рече Лукашенко, цитиран од Белта.
Претседателот на Белорусија додаде дека со Пригожин разговарал за безбедноста само два пати – првиот пат за време на бунтот на Вагнер и маршот кон Москва, вториот пат кога лидерот на приватната армија дошол во Белорусија со Димитри Уткин.
Категорично ги предупредив и двајцата: „Момци, обрнете внимание“, рече Лукашенко.
Тој зборуваше и за планираните вежби на ОДКБ, кои ќе се одржат во Белорусија на почетокот на септември.
„На Запад ќе кажат, овде Путин и Лукашенко планираат повторно нешто во Белорусија и можеби подготвуваат напад врз таа несреќна Полска. Ништо од тој вид. Без офанзива. Затоа, ниту вие, ниту тие не треба да се грижите за тоа“, рече белорускиот претседател.