Советникот на шефот на кабинетот на претседателот на Украина, Михаило Подољак денеска изјави дека авионската несреќа во која, како што се верува, загина шефот на руската платеничка група „Вагнер“ Евгениј Пригожин, е лекција за сите оние кои сè уште веруваат во можноста за преговарачки процес со рускиот претседател Владимир Путин.
„Демонстративната ликвидација на Пригожин уште еднаш покажува колку навистина вредат договорите од Минск, руските „безбедносни гаранции“ и посредништвото на Лукашенко“, напиша Подољак на платформата Икс (Твитер).
Тој смета дека оваа ситуација е добра лекција за сите „гулаби на мирот“ кои се уште веруваат во можноста за преговарачки процес со Путин под услов „прекин на огнот и снабдување со оружје“.
„Според мене, ова е одлична вакцина против глупости засновани на модели на КГБ“, додаде советникот на украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Во средата авион со 10 лица се урна во областа Твер во Руската Федерација, а како што соопшти руската агенција за цивилно воздухопловство Росавијација, меѓу патниците е и Пригожин.
Смртта на лидерот Вагнер се уште не е официјално потврдена, а руската агенција „Интерфакс“ објави дека спасувачите ги пронашле посмртните останки на сите 10 патници и членови на екипажот.