Новоизбраниот албански премиер Еди Рама го избра Косово за прва официјална посета по преземањето на функцијата.
Рама ја објави намерата да ја посети Приштина уште минатата седмица на средба во Тирана со косовскиот премиер Хашим Тачи. Тогаш беше соопштено дека во ноември двете влади ќе организираат заедничка седница во косовскиот град Призрен, посветена на соработката за постигнување на заедничката цел „обединување под небото на ЕУ“.
Албанскиот премиер беше пречекан со државни почести на централниот плоштад во Приштина од премиерот Хашим Тачи и министри од косовската Влада.
Рама прво се сретна со косовскиот колега, а подоцна ќе биде примен од претседателот Атифете Јахјага и ќе се обрати во Парламентот.