78 години од атомскиот напад на Хирошима

Од:

Јапонија денеска ја одбележа 78-годишнината од американското атомско бомбардирање на Хирошима, при што градоначалникот повика на укинување на нуклеарното оружје и ја нарече идејата на лидерите на Г7 за нуклеарно заплашување „лудост“. Во неделата во 8 часот и 15 минути, заѕвони мировното ѕвоно, во исто време кога беше фрлена и бомбата. Околу 50.000 учесници на церемонијата, вклучително и преживеани, одржаа едноминутно молчење.

„Лидерите ширум светот мора да се соочат со реалноста дека нуклеарните закани за кои сега се залагаат одредени законодавци ја откриваат глупоста на теоријата за нуклеарно заплашување“, рече градоначалникот на Хирошима Казуми Мацуи на церемонијата.

Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН) Антонио Гутереш ја изрази својата поддршка.

„Светските лидери го посетија овој град, ги видоа неговите споменици, разговараа со неговите храбри преживеани, а потоа се охрабрија да се залагаат за нуклеарно разоружување“, рече тој.

Денот на комеморацијата на жртвите од првиот нуклеарен напад во светот доаѓа во време кога многумина стравуваат дека Русија би можела да употреби нуклеарно оружје во војната со Украина. Исто така, тоа доаѓа во време кога биографскиот филм Опенхајмер, кој го опишува создавањето на атомската бомба, стана хит во американските кина, но и во остатокот од светот.

Некои го критикуваа филмот дека во голема мера го игнорирал уништувањето на Хирошима и Нагасаки. Датумот на прикажување на филмот во Јапонија допрва ќе биде објавен.

Хирошима беше во центарот на вниманието во мај, кога јапонскиот премиер Фумио Кишида беше домаќин на состанокот на седум водечки економии од Г7. Лидерите на Г7 тогаш ја изразија својата посветеност за постигнување разоружување, но порачаа дека нуклеарното оружје, се додека постои, треба да служи за одвраќање – одвраќање и спречување војна.

Бомбата фрлена врз Хирошима на 6 август, наречена “Little Boy”, веднаш уби 80.000 луѓе, а до крајот на годината уште 70.000. Бомбата “Fat Man” беше фрлена во Нагасаки на 9 август, при што веднаш загинаа 22.000 луѓе, а уште 39.000 починаа од ефектите на радијацијата. Јапонија се предаде на 15 август.

Би можело да ве интересира

Човекот кој најдолго на светот чекаше за извршување на смртната казна е ослободен

Горан Наумовски

(ВИДЕО) Поплави во Јапонија: Шест лица загинаа, има и исчезнати, градските улици под вода

(ВИДЕО) Први снимки од разорниот земјотрес во Јапонија

Силен земјотрес ја погоди Јапонија, издадено предупредување за цунами

Четири лица загинаа во пожар во Токио

Силен земјотрес ги погоди јапонските острови