Борбата на Граѓанското движење за слободни плажи во Грција вроди со плод откако министерот за економија и финансии Костис Хаѕидакис издал наредба за интензивирање на инспекциите по службена должност или по претставки од граѓани кои пријавуваат дека слободните плажи се нелегално окупирани од лежалките на баровите и рестораните.
Според надлежните, за време на инспекциите спроведени на островот Парос, по поднесените претставки од граѓаните за две плажи, биле констатирани значителни прекршоци и веднаш биле издадени наредби за отстранување на три бизниси од конкретните плажи.
Граѓанското движење започна на островот Парос, но брзо се прошири и на другите грчки острови со барања да се отстранат нелегалните лежалки кои ги поставиле баровите и рестораните на плажите и да има поголем простор за граѓаните.
– Загрижени сме за беззаконието и непристојноста на плажите од компании кои експлоатираат делови од плажите и произволно го зафаќаат заедничкиот простор со лежалки и чадори, далеку над границите предвидени во договорите за концесија што ги потпишаа. Го браниме правото на граѓаните и посетителите на нашиот остров да имаат слободен пристап до плажите што ги сакаме. Грчкото лето е дел од нашата душа, дел од нашиот идентитет: да не дозволиме некој да ни го одземе – објави движењето.
Движењето успеа да го привлече вниманието на обвинителството кое веднаш реагираше и излезе со меморандум во кој се вели дека „непречен пристап до плажите е стандарден за ова лето“.