Проблемите на глобалниот пазар на храна и енергија не се појавија вчера поради ситуацијата во Украина, туку за време на пандемијата на корона вирусот кога Западот го поддржуваше своето население со печатење пари, изјави рускиот претседател Владимир Путин на пленарната седница на вториот „Русија – Африка“ самит.
„Тешкотиите на светскиот пазар на храна и енергија не се појавија вчера и не се појавија поради ситуацијата со Украина. Тие почнаа да се појавуваат за време на борбата против пандемијата на корона вирусот кога многу земји, вклучително и индустријализираните земји, кои ги затворија бизнисите од санитарни причини, беа принудени соодветно да го поддржуваат своето население и нивното производство во различни сфери на индустријата. На кој начин? Преку емисија на пари“, рече Путин.
Тој истакна дека за време на пандемијата, Америка отпечати огромна сума пари – тоа го направи и ЕУ, иако помалку од САД.
„Во САД печатеа пари и почнаа да ги користат за купување храна на светскиот пазар и цените веднаш пораснаа. Тоа беше поврзано со кратковидната политика во областа на енергетиката кога, без основа да сметаат на ефикасноста на алтернативните видови енергија, почнаа да ги занемаруваат јаглеводородите, не инвестираа во развојот на јаглеводородната енергија“, рече Путин.
Како што додаде, сето тоа доведе до поскапување на енергетските ресурси, што на крајот се одрази и на цената на ѓубривата.
„Тоа е една грешка по друга, ова се фундаменталните работи што ја превртеа ситуацијата на пазарите на храна и минерални ѓубрива и енергија. Таму е причината за поскапувањето“, изјави Путин.
Тој истакна дека денешните настани во Украина „донекаде ги стимулираат тие процеси“, но дека тоа не е основната причина.
„Основната причина лежи во фундаменталните грешки на индустријализираните земји во финансиската и енергетската политика. Ова е причината за поскапувањето на храната“, изјави рускиот претседател.