Мерките и препораките за заштита на граѓаните од високите температури ќе важат и утре и задутре (26 и 27 јули). Владата на денешната седница ја разгледа Информацијата од Министерството за здравство за високите температури и усвои соодветни мерки и препораки со важност за следните два дена, а со цел намалување на ризиците од високите температури согласно Акцискиот план на Министерството.
Согласно усвоеното, Владата препорачува: ослободување од работни обврски на најранливите групи население, како што се: бремените жени и лица на возраст над 60 години; во установите за згрижување на децата (градинки), да не се практикува физичка активност и да не се изнесуваат децата на отворено во периодот од 11:00 до 17:00 часот; единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и Центрите за социјални работи, во регионите зафатени со топлотниот бран да пружаат помош на осамени, стари, изнемоштени лица и бездомници. Воедно, со оглед дека одредени ризични производствени и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик по здравјето на изложените работници, се потсетуваат работодавците на обврската за почитување на законските прописи од оваа област.
Согласно добиените информации, Владата донесе заклучоци: државните органи и јавните претпријатија и установи да ги почитуваат препораките, а исто така на приватниот сектор препорача да го организира работното време со цел заштита од директна сончева изложеност на работниците, пред сѐ избегнување престој на отворено во периодот од 11:00 до 17:00 часот;
-Сите правни субјекти кои вршат активности на отворено, да ги запрат активностите во периодот од 11:00 до 17:00 часот, а ова особено се однесува на работата на градежните работници. Градинките треба да го организираат работното време во периодот од 7:00 до 17:00 часот, со тоа што не треба да практикуваат физичка активност и да не се изнесуваат децата на отворено по 11:00 часот, се наведува во заклучоците на Владата.