Суд во Индија денеска им изрече смртна казна со бесење на четворицата силувачи, кои во декември минатата година, во автобус во Њу Делхи, претепаа и силуваа 23-годишна студентка, која подоцна почина во болница од тешките повреди.
Судијата Јогеш Кан, кој четворицата обвинети на почетокот на неделата ги прогласи за виновни заради групно силување и ладнокрвно убиство, ги отфрли барањата на нивните адвокати казната да се ублажи, пренесоа светските агенции.
Таткото на починатата девојка по изрекување на пресудата изјави дека е задоволен од казната.
Четворицата обвинети ќе бидат обесени.
Во извршување на злосторството учествувувале шестмина Индијци од кои еден, Рам Синг, во затворот изврши самоубиство. Вториот кој е малолетен (неговото име не е објавено) минатата недела е осуден на три години поправен дом, што во Индија претставува максимална казна за малолетници.
Ова злосторство предизвика повеќемесечни протести ширум Индија, заради лошата безбедност на жената и зачестените силувања во земјата, а обвинителството, многу владини официјални претставници и речиси целокупната јавност за силувачите побараа смртна казна.
При влегувањето во зградата на судот, во претсрет на изрекување на пресудата, четворицата на насобраните новинари им викнаа „Спасите не, браќа“.
Мала група демонстранти, која бараше смртна казна, пред изрекувањето на пресудата се собра пред судскиот комплекс.