Откако силни полициски единици синоќа ги отстранија активистите што логоруваа во паркот спроти хотелот „Бристол“ во Скопје, групата Паркобрани на својата страница на Фејсбук објави саркастично извинување поради тоа што „не знаеле дека вчера имало полициски час“ и оти „не знаеле оти се толку опасни“.
– Се извинуваме што не знаевме дека вчера имаше полициски час. Не сме знаеле дека и во овој навидум демократски систем сè уште постои – објави групата.
Паркобрани, истовремено, порачаа дека се „почестени зашто секој активист беше приведен со посебно полициско возило и сопствен шофер“.
Со оваа порака, групата одговара на соопштението на МВР, во кое се вели дека лицата што го узурпирале земјиштето пред хотелот „Бристол“ го правеле тоа „политички, самоволно и надвор од сите важечки закони, нанесувајќи му материјална штета на корисникот“.
Паркобрани за вечерва најавија собир „Полициски час во Центар“, кој треба да се одржи во 20 часот во Даут пашиниот амам или, ако врне, во клубот на ГЕМ во „Менада“, при што ќе бидат прикажани нови видео-материјали од синоќешната полициска интервенција и ќе говорат сведоци на инцидентот.