Краткотрајното невреме што вчера попладне го погоди Скопје, зад себе остави и откорната лајсна од лимен покрив на зграда, што претставува опасност за минувачите, информираат од Регионалниот центар за управување со кризи.
– Во ЦУК е пријавено и дека поради вчерашното невреме е откорната лајсна од лимен покрив на четирикатна зграда, што виси и се ниша опасно, а и во секој момент можела да падне и да повреди случаен минувач или станар на зградата на улицата „Христо Татарчев“ број 23, влез први. Од РЦУК веднаш е известена Општина Кисела Вода за да се преземат мерки на безбедност и за отстранување на опасноста, појаснуваат од РЦУК.
Од ЈСП „Скопје“ била пријавена опасна дупка на улицата „Кочо Битољану“ кај Скопска пивара, по што веднаш ЦУК ги известил надлежните од ЈП „Улица и патишта“ за да се санира состојбата, а и да се обезбеди местото.
По силното невреме проследено со пороен дожд, грмежи и засилен ветер што го сафати Скопје вчера попладне, на единствениот број за итни ситуации 112 првично пристигнаа пријави за поплавени подрумски простории, улици, подвозници, паднати дрвја, оштетени кабли и падната бандера.