Релативно строгите француски закони ѝ дозволуваат на полицијата да се справува со сите прекршители на сообраќајот и строго да ги казнува, особено оние кои имаат тенденција да дивеат на јавните патишта.
Така, полицијата заплени две БМВ од серијата 3, откако наводно се појавија снимки како дрифтуваат низ улиците на северниот француски град Турвил ла Ривиер.
Автомобилите веднаш отидоа под преса, тврди еден од сопствениците, уште пред да поднесат жалба и да се обидат да се бранат на суд. Како и да е, полицијата објави видео од шарено Е46 и жолто Е36 со соодветен опис: „Правдата бара уништување на возилата“.
Сопственикот на едното возило се огласи на Инстаграм и тврди дека неговиот жолт Е36 бил конфискуван поради снимката на која се гледа како дрифтува во напуштен индустриски комплекс.
Неколку дена по објавувањето, полицијата му го запленила автомобилот. Тој вели дека мислел дека само ќе ја плати казната, а не дека автомобилот ќе му биде запленет и уништен, а тоа пред да има шанса да се брани на суд.
Наводно, автомобилот му бил одземен додека бил на работа, со сите негови лични работи внатре, кои не му биле вратени.